На 20ти август во Крушево, се случи свеченото отворање на шестиот меѓународен FIS Rollerski Cup Тоше Проески.
Церемонијата започна со положување цвеќе на вечното почивалиште на македонската музика легенда Тоше Проески, а продолжи во спомен куќата, каде свое обраќање имаа градоначалникот на општина Крушево, г-дин Томе Христоски и Министерот за внатрешни работи при Владата на Република Северна Македонија, г-дин Оливер Спасовски.
„И оваа година ја имам честа да бидам дел од убав спортски настан, кој низ годиниве прерасна во традиција – ФИС Ролер ски купот кој ги чествува името и споменот на нашата музичка легенда Тоше Проески, ги негува спортската култура и современите спортски трендови и нѐ враќа одново секоја година во гостопримливото Крушево.
Овој традиционален спортски хепенинг ФИС Ролер ски куп не може да го надомести ненадоместливото, но може да ја продолжи започнатата мисија на нашиот Тоше – да ги поврзува луѓето со својата харизма, хуманоста и големата, а скромна душа, но и преку универзалниот јазик кој го негуваат и музиката и спортот. Во таа чест заедно со дел од раководството на МВР положивме свежо цвеќе на вечното почивалиште на Тоше Проески.
На натпреварувачите кои ќе учествуваат на годинешниот куп им посакувам успеси, но покрај резултатите, им посакувам незаборавни впечатоци и спомени поврзани со нашата традиција, историја и култура, бидејќи со промовирање на Крушево и нашата земја, ја продолжуваат улогата на Тоше на вистински амбасадор насекаде низ светот, човек кој колку што се афирмираше себе си, уште повеќе ги афирмираше својот народ, родниот крај и својата земја.
На крајот би сакал уште еднаш во свое и во име на Министерството за внатрешни работи, да го поздравам отворањето на годинашниов куп посветен на споменот на Тоше, притоа посакувајќи им на организаторите уште една успешна манифестација.“ – рече г-дин Оливер Спасовски пред присутните.
Настанот е во организација на Скијачка федерација на Македонија и клубот Олимпик Ски, а под покровителство на Министерство за внатрешни работи и Општина Крушево.
Поради здравствени причини, претседателот на Скијачката федерација на Македонија, г-дин Дејан Пановски, не можеше да присуствува на отворањето.