На вчера одржаното вонредно Собрание на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) 9 клубови од вкупно 17 со право на глас, го избраа Огњан Циговски за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на СФМ. Покрај тоа, избрани се и другите органи и тела за редовно функционирање на СФМ.
Новото раководство доби легитимен избор согласно Статутот на СФМ, според кој јасно е пропишано дека Собранието може да работи само доколку се присутни повеќе од половина од постојните членови, а одлуките се полноважни доколку за нив гласале повеќе од половината присутни на Собранието, но не помалку од една третина.
„Целиот свој работен век активно сум вклучен во создавање на услови за унапредување на скијачките спортови и на Скијачката федерација на Македонија. Таа треба да ги штити интересите на сите клубови и да има комплетна транспарентност во трошењето на државните средства, средствата од спонзорите и ФИС. Зимските спортови не заслужуваат да бидат на маргините. Затоа ќе се залагам во својот мандат да успееме да достигнеме инклузивност на зимските спортови и наместо елитистички да ги направиме достапни за секое дете кое сака да се занимава со овие спортови, но и за лицата со попреченост како и за секоја генерација на спортисти. Благодарен сум на довербата на скијачките клубови и посветено ќе се заложам за исполнување на овие цели“, истакна Циговски по изборот за претседател на СФМ.
Развој на скијачките спортови и поддршка на спортистите е главна цел за новото раководство на СФМ предводено од претседателот Циговски. Во таа насока веднаш ќе започнат активности и соработка со сите клубови, институции и поддржувачи.