НОРДИЕЦОТ ЃОРЃИ ИЦОСКИ СТАВИ КРАЈ НА КАРИЕРАТА

Долгогодишниот член на нордиската репрезентација на Македонија, Ѓорѓи Ицоски, реши да стави крај на својата натпреварувачка кариера на 34-годишна возраст.
Со нордиското скијање Ицоски е од својата осумгодишна возраст, а на државното првенство во Попова Шапка во 1992 година го освојува првото место во цицибанска категорија.

Пет години подоцна, бил најмлад учесник на Мавровскиот меморијал кој се одржува секоја година, а во 1998 година го освојува четвртото и петтото место во нордиско скиење на натпревар на младинските олимписки категории во Чепеларе, Бугарија. Веќе во 1999 година, Ицоски сериозно навлегува во овој зимски спорт, под раководство на бугарскиот тренер Ѓорѓи Ганчев.

Четири години подоцна овој натпреварувач првпат зема учество на Светско првенство во Вал де Фиеме, Италија и оттогаш па до последните настапи од кариерата тој соработува со моменталниот селектор на нашата нордиска репрезентација, Ѓоко Динески. Тогаш започнува да се развива и бијатлонот како спортска дисциплина во зимските спортови, а Ицоски е првиот натпреварувач од Македонија кој настапил на Светско првенство, Светски куп и Европско првенство како бијатлонец. Во 2005 година, Ицоски зема учество и на Светското првенство во Оберсдорф, Германија, каде забележува добри резултати со репрезентацијата.

 

Секој спортист во кариерата имал и подеми и падови, а Ицоски никогаш нема да го преболи исфрлањето на Македонија за ЗОИ во Ванкувер.

„За Зимските олимписки игри во Ванкувер, 2010 година јас бев единствениот натпреварувач во бијатлон од Македонија со обезбедена олимписка А норма, а Македонија како нација беше на 33 место. Интернационалниот олимписки комитет одлучи да одат 32 нации, поради преголемиот број на натпреварувачи, и отпаднавме од таа Олимпијада. Истата година почнав да скијам за клубот „Славија“ од Бугарија, и на сите државни првенства освојував први, втори и трети места“ – истакна Ицоски.

И покрај својата возраст, Ицоски земаше учество на неколку натпревари ширум светот и остваруваше добри резултати. Сепак минатата година, тој заработи повреда која го отфрли од натпреварувачки ритам, но и покрај бројните обиди да се врати на скиењето, реши да се повлече од овој спорт.

„Задоволен сум од својата кариера и мислам дека направив добри резултати во скијачката федерација на Македонија. Време беше да се откажам од овој спорт, поради повредата која ја добив минатат година. Се обидов неколкупати да се вратам, но залудно е, телото не може да издржи некои работи. За жал, во Македонија овој спорт не е многу популарен како што е во скандинавските држави, исто така и Германија каде после фудбалот, скиењето е втор спорт. Радува фактот што Скијачката федерација на Македонија полека вложува се повеќе во овој спорт и се надевам дека идните скијачи достојно ќе ја претставуваат Македонија на сите натпревари во иднина“ – заврши Ицоски.

Scroll to Top